2 Chronicles 22
1 Жителите ерусалимски место него за цар го поставија Охозија, најмалиот негов син, бидејќи сите постари беа убиени од разбојници, што се беа приближиле до логорот со Арапите, — и така стана цар Охозија, синот на јудејскиот цар Јорам.
2 Охозија беше на дваесет и две години, кога стана цар, и царуваше во Ерусалим една година; мајка му се викаше Готолија, ќерка на Омриј.
3 И тој исто така одеше по патиштата на Ахавовиот дом, зашто мајка му беше негова советничка во незаконските дела.
4 Тој го правеше она што беше неугодно пред очите на Господ, како домот Ахавов, зашто по смртта на татко му тој дом му беше советник, за негова пропаст.
5 И, следејќи го нивниот совет, Охозија отиде со израелскиот цар Јорам, син Ахавов, во војна против Азаил арамејскиот цар, во Рамот Галаадски. И Арамејците го ранија Јорам;
6 тој се врати во Израел да се лекува од раните, што му ги нанесоа во Рама, кога војуваше со Азаил, арамејскиот цар. И Охозија, синот Јорамов, цар јудејски, дојде да го посети Јорама, синот Ахавов, во Израел, бидејќи тој беше болен.
7 Тоа беше од Бога за пропаст на Охозија, затоа што тој дојде кај Јорам; зашто, откако дојде, излезе со Јорам против Јуј, синот Нимшиев, кого Господ го беше помазал за истребување на домот Ахавов.
8 Кога Јуј извршуваше суд над домот Ахавов, ги најде началниците јудејски и синовите на Ахазиевите браќа, кои му служеа на Охозија, и ги уби.
9 Тогаш заповеда да го бараат Охозија; го фатија, кога се криеше во Самарија; го доведоа кај Јуј, го убија и го погребаа, зашто велеа: тој е син на Јосафат, кој Го бараше Господа со сето срце свое! И не остана во домот Ахазиев никој, кој би можел да царува.
10 А Готолија, Ахазиевата мајка, откако виде дека син ѝ умрел, стана и го погуби сиот царски род на Јудиниот дом.
11 Но царската ќерка Јехошават го зеде Ахазиевиот син Јоас, го грабна меѓу царските синови, кога ги убиваа, и го скри со доилката во спалната соба. На тој начин Јехошават, ќерката на царот Јорам, жена на свештеникот Јодај, сестра на Охозија, го сокри Јоас од Готолија, и таа не го уби.
12 И го криеја кај нив во домот Божји шест години; а над земјата царуваше Готолија.